Антолог

Антолог

АНТОЛОГ првпат е основан како бренд на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски.

Овој датум истовремено e формален почеток на една дамнешна идеја, но и продолжение на долга и разновидна уметничка традиција. Сè до 1903 година, во семејното стебло на Кујунџиски се впишани неколку генерации златари (кујунџии) од Крушево, чии филигрански ракоделија денес се втопени во морето на креативниот анонимен гениј на македонскиот народ. Хуморот, сликарството, актерството, уметничката фотографија, исто така, се дел од меморијата и оставината на ова познато и реномирано македонско семејство. Но, Зборот е оној што отсекогаш бил првична и основна инспирација. Зборот како мисла, борба, вештина, но и како почеток и инспирација. Сè почнува од Зборот, на кој му треба малку време да роди – литература.

1999-2007

Антолог настанува како своевидна и конкретна побуна против механизмите на водечките издавачки куќи на своето време, како обид да се докаже дека може и поинаку. Во период на немање слух за плурални издавачки политики, македонскиот писател Александар Кујунџиски решава да започне своја издавачка програма преку која пред сè ќе ги објавува своите дела, но и на неговите колеги.

Александар Кујунџиски секако е автор што спаѓа меѓу највредните, а сигурно и меѓу најплодните во нашата држава. Без преголеми амбиции за издаваштвото и со скромни финансиски можности, речиси цела прва деценија од постоењето, издавачката куќа главно се занимава со oбјавување дела од македонски писатели, како и со проектот за приредување капитални антологии што ги приопштуваат трајните вредности, како на поединци така и на народи од целиот свет, вклучително и од Македонија.

Оттаму доаѓа и името на издавачката куќа – Антолог, со корен во зборот „антологиско“, што може да се објасни како најдоброто или уште попрецизно – најдоброто од најдоброто.

Korica.mk користи колачиња за персонализација на содржините и функционалност. Со продолжување на користење на сајтот или со кликнување на “Се согласувам”, се согласувате да ги зачувуваме колачињата. Повеќе инфо
x